Заради гаснење на определени почетни пожари и други помали пожари можат да се користат и прирачни средства за гаснење на пожар како на пр. песок земја, садови со вода и сл. Овие средства се лоцираат на места каде што постои потенцијална опасност за настанување на пожар заради нивна навремена употреба. Гаснењето со овие средства се врши најчесто со покривање на запалените површини, а често и за правење на брани со кои се спречува разлевање на запаливите течности.
Покрај прирачните средства за гаснење на пожар, потребна е прирачна опрема како на пр. лопати, копачи, секири, челични метли, кофи за вода и сл.
- Водата како средство за гаснење на пожар
Пожар може да се гасне со вода на различни начини: со полн млаз, распрскан млаз и водена магла. Со вода се гаснат пожарите на дрво, јаглен, хартија, текстил, гума, пластика при тоа водејќи сметка да не се направи некоја друга штета. Водата како средство за гаснење на пожар не смее да се користи за гаснење на материи кои во допир со водата ослободуваат запаливи гасови. Тоа се на пр. запаливи метали, карбид и некои други хемиски материи.
Погрешно употребен воден млаз може да предизвика поголема опасност, на пример при гаснење на пожар на прашина (од дрво, јаглен, брашно и сл.). Силен млаз на вода може да ја развиори прашината и да овозможи ширење на пожарот па и експлозија.
Со водата не смеат да се гаснат и: електрични уреди и инсталации под напон, запаливи течности чија специфична тежина е полесна од водата и сите реактивни материи кои со водата стапуваат во хемиски реакции.
- Пената како средство за гаснење на пожар
Во современата заштита од пожар пената има се позначајна улога и масовна примена. За гаснење на пожар се користи хемиска пена и воздушна пена.
Хемиската пена настанува со хемиска реакција на водените раствори алуминиум-сулфат и натриум хидро-карбонат кои во себе содржат средство кое создава пена (сапунин). Меурчињата на хемиската пена се исполнети со ЦО2.
За разлика од хемиската пена, воздушната пена се состои од ситни меурчиња исполнети со воздух. Воздушната пена се добива кога во водениот раствор вода-екстракт (пенило) механички се втисне воздух со непрекинато мешање во посебни противпожарни направи.
Ефектот на гаснење со пена првенствено е со загушување, а делумно и со ладење.
Гаснење на пожар со пена се постигнува со целосно покривање на горливата површина, со соодветен дебелински слој на пена кој треба да е константен определено време за да не дојде до повторно опожарување.
Пената најмасовно се користи за гаснење на пожарите од класата “Б” особено на нафтените деривати каде без примена на пената е незамисливо гаснење на овие пожари.
Правот за гаснење на пожар наменет е првенствено за гаснење на пожари од класата “Б” и “Ц”, а со прав можат да се гаснат и електрични уреди кои се под напон до 1000 вати. Правот гасне на принцип на загушување, а незначителен е ефектот на ладење.
Досега најголема примена има правот изработен врз база на натриум-бикарбонат со додатоци кои го чинат нехидроскопичен (да не прима вода). Овој прав веќе на температура од 100 степени целзиусови почнува да се распаѓа издвојувајќи ЦО2 и водена пара кои го зголемуваат ефектот на гаснење.
Правот за гаснење од апаратите се исфрла со помош на сув гас азот и се насочува на запалените површини со што се спречува присуството на кислород во горливата зона.
Јаглендвооксидот е гас без боја и мирис, со киселкав вкус, потежок е од воздухот 1,5 пати. На обична температура и при притисок од 56 атмосфери е во течна состојба. Кога нагло се испушта од противпожарните апарати преоѓа од течна во гсовита состојба, а еден дел во цврста состојба (снег или мраз) со температура од -78 степени целзиусови.
Ефектот на гаснење пожар со ЦО2 е изразито загушувачки. Кога се гасне пожар со ЦО2 тој се шири во просторот, го намалува процентот на кислород, а истовремено ги разредува и пареите или гасовите кои овозможуваат горење со пламен.
Кога во воздухот ќе се постигне концентрација на ЦО2 од 15-35% горењето престанува. Со него можат да се гаснат сите видови на горливи материи, освен оние кај кои не е потребен кислород од воздухот.
При примената на ЦО2 во затворени простории треба да се настапува претпазливо бидејќи одредени концентрации се штетни за човечкиот организам (концентрација од 25-30% брзо предизвикува нессцестица и гушење).