Секое горење не е пожар. Меѓутоа, горење и од најмали размери кое нанесува материјална штета или претставува било каква опасност по животот на луѓето и имотот се вика пожар.
Правна обврска е на секој граѓанин да го изгасне пожарот ако тоа може да го стори без опасност за себе или за друг. Ако граѓанинот не може да го изгасне пожарот должен е веднаш да ја извести најблиската противпожарна единица.
Има три фази на развој на пожар:
- Почетна фаза – Оваа фаза се карактеризира со мал интензитет на изгорување на материите, релативно ниски температури и релативно мал обем. Траењето на оваа фаза зависи од видот на материите кои горат. На пример, кај запаливите течности и гасови тоа трае многу кусо време, а кај цврстите материи тоа трае подолго.
- Распламтена фаза – По почетната фаза на развојот, пожарот постепено преоѓа во распламтена фаза. Карактеристично за оваа фаза е тоа што пожарот зафаќа голем просторен обем. Температурата достигнува максимална вредност и интензитетот на горењето е најголем.
- Живо пепелиште – Од распламтената фаза пожарот постепено преоѓа во завршната фаза – живо пепелиште. За оваа фаза карактеристично е тоа што интензитетот на горењето постепено се намалува. Исто така и температурата во зоната на горењето се намалува, горливиот материјал догорува и постепено доаѓа до гаснење на пожарот.
Според видот на горливите материи, како и според можностите за гаснење со примена на одредени средства за гаснење пожарите се поделени во пет класи:
КЛАСА А – Во оваа класа спаѓаат пожари на дрво, јаглен, памук, сено и слични материи кои горат со пламен и жар. За гаснење најчесто се применува вода.
КЛАСА Б – Во оваа класа спаѓаат пожарите на запаливи течности кои не се мешаат со вода. Такви течности се сите деривати на нафтата, разни растворачи, лакови, масти и сл.
Овие категории согоруваат само со пламен. Пареите и гасовите на овие запаливи течности, во смеса со воздухот можат да согорат моментално – со експлозија.
За гаснење се применува пена, прав или CO2.
КЛАСА Ц – Во оваа класа спаѓаат пожарите на горливите гасови, метан, пропан бутан, ацетилен и др. Согоруваат само со пламен или моментално со експлозија. Интензитетот на горењето го достигнува максимумот, веднаш по палењето.
За гаснење најчесто се применува прав за гаснење или CO2.
КЛАСА Д – Во оваа класа спаѓаат пожарите на лесни метали како што се алуминиум, магнезиум и нивните легури.
За гаснење се применуваат суви средства: прав за гаснење и сув песок.
КЛАСА Е – Во оваа класа спаѓаат сите пожари во класите А, Б, Ц и Д кога се под висок напон на електрична енергија.