Заштитата од пожари има големо значење за општествената заедница, па поради тоа таа е прогласена за дејност од општ интерес за Републиката. Оваа област е регулирана со повеќе закони, голем број на подзаконски акти, стандарди, одлуки, општински планови, планови донесени од работни организации, правилници за заштита од пожари и други самоуправни општи акти.
1.1. Законон за заштита од пожари
Во законската регулатива најзначајното место го зазема Законот за заштита од пожари. Со овој закон организациите на здружен труд и другите самоуправни организации и заедници, државните органи, граѓаните се обврзани заради спречување и отстранување на опасностите од пожари, да се грижат за нејзиното успешно функционирање и да учествуваат во нејзиното спроведување.
За да може да се обезбеди успешна заштита од пожари треба да се преземат редица превентивни и други мерки на заштита. Така според законот, заштитата од пожари опфаќа мерки и дејности од нормативен, оперативен, организационен, управен, надзорен, технички, образовно-воспитен и пропаганден карактер кои се преземаат заради спречување на настанување и ширење на пожари, нивно откривање и гаснење, спасување на луѓето и материјалните добра загрозени од пожар.
Мерките за заштита од пожари, во смисла на овој Закон, опфаќаат посебно:
- Избор на локација и диспозиција на објекти.
- Изградба на пристапни патишта и премини.
- Обезбедување потребна количина на вода за гаснење на пожар.
- Избор на технолошки процес.
- Потребни уреди, техничка опрема и средства за гаснење на пожари.
- Излези и патишта за евакуација на загрозените лица и материјалните добра.
- Избор и поставување на уреди и инсталации за автоматско откривање, јавување и гаснење на пожари и уреди за мерење на концентрација на запливи и експлозивни смеси.
1.2. Правилник за заштита од пожари
Организациите на здружен труд и другите самоуправни организации и заедници и државните органи со општ акт особено ги регулираат:
- Мерките за заштита од пожари со кои ќе се отстранува, односно намалува опасноста од пожари, согласно со условите во организацијата.
- Организацијата, делокругот и надлежноста на службата за заштита од пожари.
- Постапката и начинот на запознавање на работниците при стапување на работа или распоредување од едно на друго работно место со опасностите за настанување на пожар, како и начинот на обучување на работниците за учество во гаснењето пожари и ракување со уредите, техничката опрема и средствата за гаснење на пожар.
- Распоредот и времето на испитување на исправност на уредите, техничката опрема и средствата за гаснење пожари.
- Должностите и одговорноста на раководните и други работници во врска со заштитата од пожари, а посебно во случај на избувнување и гаснење на пожари.
1.3. План за заштита од пожари
Со Планот за заштита од пожари се предвидуваат мерки кои се должни да ги преземат и спроведуваат организациите на здружен труд и другите самоуправни организации и заедници, државните органи, граѓаните заради спречување на настанување и проширување на пожарите и спасување на луѓето и материјалните добра загрозени од пожарот.
Планот за заштита од пожари посебно содржи: проценка за загрозеност од пожари, организација на заштитата од пожари, начин на известување за настанатиот пожар, начин на снабдување со вода, пристап до објектите, начин на употреба и содејство на противпожарните единици, мерки за заштита од пожари за успешно функционирање и унапредување на заштитата од пожари, надзор над извршувањето на мерките за заштита од пожари и друго.
Плановите кои ги донесуваат организациите на здружен труд се усогласуваат со општинскиот план за заштита од пожари.
Плановите за заштита од пожари се усогласуваат со настанатите промени кои влијаат на заштитата од пожари во општината, организациите на здружен труд и другите самоуправни организации и заедници.