Причини за настанување на пожарите

Има многу причини за настанување на пожарите, но од досегашната практика ќе се опишат оние причини заради кои најчесто настануваат пожари, а тоа е, пред се, субјективните фактори – човекот, неговото невнимание и негрижа. Запознавајќи се со најчестите причини се сака да се избегне настанувањето на пожарите.

  • Човекот како причинител за настанување на пожар

Човековото незнаење, негрижа и невнимание е една од најчестите причини за предизвикување на пожарите. Голем број пожари човекот ги предизвикува од непознавање на опасностите, кои се присутни во средината во која работи и живее. Затоа, покрај останатото, потребно е редовно запознавање на граѓаните со секојдневните опасности кои се присутни на нивните работни места, во местото на живеење итн.

Голем број пожари, човекот ги предизвикува од негрижа и непридржување кон мерките за заштита од пожари при одвивање на технолошките процеси, при транспорт и складирање на запаливи материи, нередовно отстранување на запаливите отпадни материи и прашини од просториите во кои се одвива технолошкиот процес и друго.

Во оваа група пожари можат да се вбројат и оние пожари кои ги предизвикуваат децата, играјки си со кибрит, запалка и со други извори на палење.

За да се намалат пожарите кои ги предизвикува човекот, потребно е покрај останатата добра организираност од страна на работната организација во дисциплинираното и редовно спроведување на потребните мерки за заштита од пожари, а најефикасен начин за заштита на имотот од пожари кои ги предизвикуваат децата е нивното систематско воспитување преку училишта, пионерската и младинската организација, соработка со родителите, детскиот печат, прикажувањето пригоди филмови и сл.

  • Отворен пламен и искри

Секој отворен пламен доколку не е под контрола може да предизвика палење на запалива материја. Слично е и во голем број на случаеви и при настанувањето на искри.

Споредувајќи ги температурите на самозапалување на различни видови пламени, може да се каже дека во поголем број случаеви температурата на пламенот е доста поголема од температурата на самозапалување на запаливите материи. Така на пример, температурата на самозапалување на горливите материи со кои најчесто се среќаваме е неколку стотини степени, а температурата на пламенот на светлечки гас е 2000 степени целзиусови, на запаливите течности е 1500 степени целзиусови, а на кибритче е неколку стотини степени.

Отворениот пламен може да предизвика палење на експлозивни смеси. Затоа, во средини каде е можно присуство на запаливи гасови, пареи на запаливи течности или запаливи прашини, забрането е палење на отворен пламен.

Исто така, секое искрење може во одредени средини да предизвика пожар. Во средини во кои е можно создавање на експлозивни смеси од запаливи гасови, пареи на запаливи течности или запаливи прашини е забрането работење при кое може да настанат искри (брусење, заварување, употреба на алат кој искри и др.).

Доколку има потреба од заварувачки работи во средини каде се присутни опасности за настанување на пожар е потребно да се преземат сите потребни мерки за да не дојде до настанување на пожар како и присуство на стручно лице за гаснење на пожар со потребна опрема и средство за гаснење.

  • Електрична енергија

Поради неисправни електрични уреди, инсталации и опрема, доаѓа до настанување на голем број пожари. Најчести причини за предизвикување на пожари се:

  1. преоптовареност на електричните инсталации поради поголем број приклучени потрошни уреди од предвидените;
  2. премостување на осигурувачите со повеќе “лицни” со подебела жица, шајки и сл.;
  3. краток спој, поради механичко оштетување на изолацијата на електричните кабли;
  4. електричен лак и создавање на електрични искри, кој настанува поради прекин на електричното коло, разни оштетувања на електричните уреди, допирање на голи проводници и др.
  • Статички електрицитет

Статичкиот електрицитет настанува на 3 начини, но за нас најинтересен е оној кој се јавува со триење на две површини како на пример: намотување на текстил на валјаци, при проток на запаливи течности и гасови низ цевки, триење на облеки од најлон, перлон и волна, при транспорт на експлозивни прашини низ цевки и транспортни ленти и др.

Основната опасност од статичкиот електрицитет е можноста за појава на искра, односно електрично празнење со искра кое се јавува при допир на наелектризирани тела. Оваа искра може да има таква енергија која може да доведе до палење на некои запаливи материи или до експлозија на некоја експлозивна смеса.

Посебна опасност од создавање на статички електрицитет постои во индустријата за производство на хартија, текстил, пластични материи, гума, експлозиви, запаливи течности и друго.

  • Хемиска реакција

Одредени хемиски реакции можат да бидат причина за настанување на пожар. Овде се мисли на егзотермни хемиски реакции при кои доаѓа до ослободување на топлина, а поради која може да се запали една од компонентите која учествува во хемиската реакција или да запали некоја запалива материја која се наоѓа во близина каде што се случува ваквата реакција.

На пример, азотната киселина може да запали слама, или под дејство на чист кислород може да се запалат разни масни материи.

Исто така, при гасење на вар може да се запали некоја запалива материја која е во непосредна близина на варта. (Има случаеви на палење на вреќи во кои се чува негасена вар и слично.).

Поради вакви и слични опасности треба да се води грижа при складирањето на различни видови на хемиски производи.

  • Самозапалување

Одреден број материи (во најголем број случаеви од органско потекло), можат при одредени услови постепено да се загреат и на крај да се запалат. Оваа појава ја нарекуваме самозагревање и самопалење. До оваа појава доаѓа без влијание на надворешни топлотни извори.

Во оваа група на материи спаѓаат: памук натопен со масни материи, одделни видови јаглен, железо во прав натопено со масло, сено, струготини од дрво и др.

Самозагревањето и самозапалувањето се појави кои се последица на одредени физички, хемиски и биолошки промени.

Кај сеното до самозагревање и самозапалување доаѓа поради присуството на одредени видови микроорганизми при што се ослободува топлина која се акумулира во внатрешноста на складираното сено и по подолго време може да дојде до негово самозапалување.

До самозагревање и самозапалување на јагленот доаѓа поради оксидација на јагленовата прашина при што се ослободува топлина. Откако ќе се акумулира поголема количина топлина доаѓа до самозапалување на јагленот.

И во двата случаеви, за да не дојде до самозагревање и самозапалување, потребно е редовно контролирање на температурите во внатрешноста на складираното сено, односно кај складираниот јаглен.

  • Пушење

Голем број на пожари се предизвикани од пушачите поради нивното невнимание.

Најчеста причина за настанување на пожар е фрлањето неизгасена цигара или догорче кои можат да запалат разни запаливи материи.

Температурата на отпушокот од цигара е меѓу 350 и 650 степени целзиусови, и истиот ако не се изгасне може да претставува опасност дури од 6 – 12 минути.

Најдобра превентива за пушење е да се одредат посебни простории или зони, директно да се пали со запалка, а пепелот и отпушоците да се фрлаат во пепелници со вода.

  • Неред и нечистотија

Нередот и нечистотијата можат да бидат причина за настанување и проширување на пожар. Запаливите отпадни материи како што се масните крпи, хартијата и сл. треба да се отстрануваат од работните простории и да се фрлаат во садови со капаци и истите редовно да се празнат (по секоја смена) на место определено за тоа.

Околу објектите редовно треба да се отстранува сувата трева, сувите лисја, и другиот отпаден материјал.

Исто така, треба редовно да се отстрануваат отпадните влакнести материи, отпадните прашини од сите делови во просториите каде што тие можат да се напластуваат.

  • Природни појави

Во природата најчести за настанување на пожар се сончевата топлина и громот.

Громот е елктрично празнење кое најчесто ги погодува високите објекти. Ефикасна мерка за заштита од удар на гром е громобранска инсталација.

Во ретки случаеви, под дејство на сончевата топлина може да дојде до палење на некои запаливи материи. На пример, има случаеви на запалување на некои материјали каде сончевите зраци паѓаат на нив преку стаклени предмети (најчесто скршени шишиња).

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *