- Мерки за заштита од пожар на работното место
И покрај преземањето на сите мерки за заштита од пожар, сепак пожарите му нанесуваат големи материјални штети на општеството. Не е можно да се спроведат такви заштитни мерки кои потполно би ја отстраниле можноста за настанување на пожари. Опасностите за настанување на пожар зависат од карактерот на производството, работите кои се извршуваат и од мерките за заштита кои се преземаат.
Заштитата од пожари како работа од општ интерес за Републиката е регуларна со законски прописи и за спроведување на истата треба да се грижат лица остручени за тоа.
За да можат опасностите за настанување на пожар да се сведат на минимум, потребно е секој вработен на своето работно место да биде запознаен со:
- Како може да настане пожар?
- Кои се опасностите за настанување на пожар на работното место и околината?
- Кој ќе го гасне пожарот?
- На кој начин и со кои средства ќе се гасне пожарот?
- Мерки за заштита на станбени објекти
Голем процент од вкупно настанатите пожари во населените места отпаѓа на станбените објекти.
Ова се должи, пред се, на разновидните опасности кои се присутни во овие објекти, непознавањето на овие опасности и непридржувањето на мерките за заштита од пожар од страна на станарите.
Најчести опасности за настанување на пожар присутни во станбените објекти се:
- Непрописно складирање на запаливи течности, гасови и други запаливи материи;
- Непрописно користење и одржување на електричните уреди и инсталации (изведување на импровизиранаелектрична инсталација, преоптоварување на електрична инсталација, водење на електрична инсталација по горлив материјал, калемење на осигурувачи и др.);
- Складирање на отпаден материјал на таванските и подрумските простории и др.
Мерки за заштита од пожар:
- Запаливите течности (масло за горење), гасови (течен нафтен гас) дозволено е да се чуваат.
За просториите на еден стан во количини најмногу до 50 литри масло за горење (во садови со зафатнина најмногу до 25 литри) и три боци со капацитет од по 10кг. течен нафтен гас. Во подрумските простории дозволено е да се чува најмногу до 200 литри масло за горење по еден стан додека чивање на течен нафтен гас во подрумските простории не е дозволено.
- Цврстите горива не е дозволено да се складираат на комуникациите и на таванските простории.
- Хидрантската мрежа и рачните апарати за гаснење пожари редовно да се одржуваат во исправна состојба.
- Сигурносното столбиште мора во секое време да биде слободно за навремена евакуација на станарите во случај на потреба.
- Пристапните патишта до станбените објекти мора постојано да се слободни за противпожарните возила во случај на потреба.
- Станарите пред секое напуштање на становите треба да ги исклучат од употреба сите електрични уреди и апарати (машини за перење, електрични шпорети, бојлери, радио, телевизор и др.) освен фрижидер и сандак за замрзнување.
- Мерки за заштита од пожар на објекти за деца од предучилишна и училишна возраст
Настанувањето пожари во овие објекти е ретко, но доста опасно, бидејќи можат да се доведат во опасност многу детски животи.
Уште при самата изградба на овие објекти треба да се применат сите потребни мерки за заштита од пожар. Покрај останатите мерки треба да се предвидат и:
- Објектите за деца од предучилишна возраст по можност да се изведуваат како приземни објекти или со максимална дозволена висина од приземје и еден кат, со тоа што јаслите треба да се предвидуваат во приземјето;
- Најддолгиот пат за евакуација на деца од предучилишна возраст до излезите за евакуација да биде до 25 метри;
- Посебни мерки за заштита од пожар треба да се преземат во просториите во кои се сместени уредите за централно греење, во работилниците за практична работа, во кабинетите за хемија, физика и сл.;
- Ходниците и скалилата во секое време треба да се слободни заради непречена евакуација на децата;
- Во основните училишта, клупите со седишта треба да бидат фиксирани за подот;
- Со практична употреба на средствата и опремата за гаснење на пожар мора да бидат обучени учениците од средните училишта и вработениот персонал за сите објекти;
- Потребните упатства за евакуација и прва интервенција во случај на пожар мора да бидат поставени во сите простории и сите помошни простории.
- Мерки за заштита од пожар на сали за приредби (театри, кина, спортски сали и сл.)
Кај овие објекти опасностите за настанување на пожар се доста изразени. Најзагрозеното место за настанување на пожари е сценскиот простор, односно бината на која се наоѓа декорот, завесите, паноата и разни други реквизити. Исто така, електричните уреди и инсталации претставуваат опасност за настанување на пожар.
Најважни мерки за заштита од пожар на гледачите и објектите се:
- Опремата која се поставува на сцената треба да биде од негорлив или тешко запалив материјал.
- Патиштата за евакуација во секое време треба да бидат слободни.
- Сценскиот простор да биде издвоен од гледалиштето со завеса отпорна на пожар која ќе го спречи ширењето на пожарот од сцената кон гледалиштето.
- Во сите сали каде што се предвидени фиксни седишта, треба да бидат зацврстени за под или ѕид, а во салите (со двонаменска употреба) каде што не се предвидени фиксни седишта, треба да се обезбеди стабилност на седиштата при евентуално обрнување и преместување.
Мерки за заштита на шумски површини
Шумите имаат големо значење за стопанството, туризмот, регулирањето на климатските услови и др.
Секоја година од пожарите се уништуваат големи површини на шуми за чие обновување се потребни многу години.
Најчести опасности за настанување на пожар се:
- Присуството на големи количини горлив материјал (дрво, лисја, сува трева);
- Палење на отворен оган од страна на излетници, овчари, туристи, шумски работници, планинари;
- Производство на дрвен јаглен и вар;
- Посебна опасност се угостителските и туристичките објекти каде се присутни голем број причинители за настанување на пожар.
Основните мерки за заштита од пожар кои треба да се преземат за овие површини се:
- Организирање набљудувачки и известителна служба;
- Отварање просеки во шуми;
- Создавање безбедносни појаси во шумата и шумските култури низ кои минуваат јавни сообраќајници, далноводи и покрај земјоделски комплекси;
- Формирање појаси од листокапни видови на дрва при подигање на нови култури од иглолисни видови на дрвја;
- Обезбедување технички средства и алатки за гаснење на пожари;
- Поставување знаци за забрана и предупредување на опасност од појава на шумски пожари на видни места на влезовите во шумата, на јавните сообраќајници, на шумските патишта;
- Зајакнување на контролата на движење на луѓе во шумите во периоди на зголемена опасност од појава на пожари (високи температури, долготрајна суша и др.);
- Формирање и оспособување мобилни групи од вработените за гаснење на шумски пожари.